Борел: Курти и Вучиќ постигнаа договор за европскиот план, преговорите за имплементација продолжуваат

„Овој договор е за граѓаните на Косово и Србија, не за ЕУ. Луѓето ќе можат слободно да се движат меѓу Косово и Србија користејќи ги своите пасоши, кои ќе бидат признати, ќе можат да користат лични карти, дипломи, ќе можат и да студираат“.

 Високиот комесар за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел, соопшти дека на синоќешната средба меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел, постигнат е согласност за европскиот план за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, јавува Анадолу.

Борел во изјавата по состанокот истакна дека страните изразиле подготвеност околу имплементацијата на планот, и дека нема потреба повеќе да се разговара за европскиот план. Останува да продолжат преговорите околу начините и роковите за имплементација, додаде Борел и рече дека текстот на договорот наскоро ќе биде објавен.

„Треба да се одредат специфичните модалитети за имплементација на овој договор, но потребни се повеќе преговори. Шатл-дипломатијата ќе продолжи со својата работа, а двајцата лидери ќе се сретнат во март“, рече Борел.

Тој додаде дека сите договори од минатото мора да се реализираат.

Високиот претставник истакна дека европскиот предлог им бил претставен на страните во септември минатата година, по што следувала шатл-дипломатијата, а специјалниот пратеник Мирослав Лајчак бил во посета на Приштина десетпати, а на Белград осумпати.

„Овој договор е за граѓаните на Косово и Србија, не за Европската Унија. Луѓето ќе можат слободно да се движат меѓу Косово и Србија користејќи ги своите пасоши, кои ќе бидат признати, ќе можат да користат лични карти, дипломи, ќе можат и да студираат“, објасни Борел.

Понатаму истакна дека договорот ќе донесе олеснување за водење бизнис, нови инвестиции меѓу Косово и Србија, вработување на граѓаните на двете земји со избегнување на бирократијата, а сертификатите за извоз и увоз на производи повеќе нема да бидат прашање.

Договорот предвидува заштита на правата на српската заедница, вклучувајќи ја Српската православна црква и српските културни и верски споменици. Истакна дека овој договор е важен и за безбедноста и просперитетот на целиот регион.

„Изразив спремност да го потпишам овој текст, но другата страна не беше спремна. Мислам дека е штета што вечерва не е потпишано она на што се договоривме. Потврдата за прифаќање на овој предложен текст треба да резултира со потпис, но тоа не го стори српската страна“, рече Курти во изјавата за новинарите.

Претседателот на Србија пред новинарите изјави дека Курти не е подготвен да ја прифати Заедницата на српски општини на Косово.

„Инсистирав на Заедницата на српски општини, Курти не беше подготвен да го прифати сега, а дали ќе го прифати во иднина ќе видиме. Се надевам дека е можно да постигнеме некакви компромиси“, нагласи Вучиќ.

Додаде дека е важно што е разговарано и верува дека ќе биде можно да се надминат унилатералните потези, кои можат да ја загрозат безбедноста на луѓето на теренот.