Борел на Дубровник форум 2023: Светот, за жал, е таков што многу луѓе не се грижат за владеењето на правото
– Дубровник во Хрватска е домаќин на големата меѓународна конференција Дубровник форум 2023.
На воведниот панел се разговараше за адаптација во време на глобални промени предизвикани од руската војна во Украина. Воведното обраќање на Форумот го имаше министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.
Освен хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, учествува и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, кој се обрати преку видеопорака.
Пред учесниците на Форумот се обрати и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел.
„Ние праќаме порака дека луѓето треба да се однесуваат во согласност со правилата, да го почитуваат владеењето на правото, но тоа не е доволно. Светот во кој живееме, за жал, е таков што многу луѓе не се грижат за владеењето на правото и подготвени се да ги користат силата и јазикот на силата. Украина е последен пример во таа смисла. Така што, она што го правиме, мора да покажеме дека имаме моќ, на пример, имаме моќ да ја отфрлиме нашата енергетска зависност од Русија. Со години говоревме дека меѓузависноста е добра. Јас од вас купувам ваша стока, вие добивате мои пари и сите добиваме, но таа зависност стана опасна. Намалување на таа зависност, 40 отсто зависност од нафта и гас е моќ. Ние, исто така, градиме механизми за борба против дезинформациите и навистина има многу работа“, рече Борел.
Тој додаде дека во ЕУ одлучиле да се концентрираат на сопствените воени капацитети.
„Има уште многу работа. Воведовме и мерки на ограничување бидејќи зборот санкции повеќе не постои во договорот. Презедовме мерки на ограничување против Русија и тие се од највисок предвиден степен. Многу е појак тој наш одговор отколку што беше случај по нападот на Крим. Мора да покажеме дека можеме да дејствуваме и можеме да преземеме мерки. Војната во Крим ни покажа и што значи да се поддржи една од завојуваните страни во војната со оружје и пратки оружје. Луѓето ни говореа дали сте луди, зар сакате да се мешате во војната? Не, не сакаме да се мешаме на тој начин, не сакаме да учествуваме во војната, но сакаме да им помогнеме на оние што се нападнати. И тоа е една структурна промена кога зборуваме за тоа што ѝ треба на Европската Унија и што мора да се направи. Сакаме да опстанеме во свет во кој моќта е многу важна“, рече Борел.
На Дубровник форумот 2023 учествуваат и турскиот заменик-министер за надворешни работи Мехмет Кемал Бозај и турскиот амбасадор во Загреб, Јавуз Селим Киран.
Бозај учествуваше како говорник на панелот под наслов: „Неуреден светски поредок: Како да се постигне стабилност во светската политика?“
Турскиот заменик-министер за надворешни работи на маргините на Форумот со претставници од други земји размени мислења и за билатералните односи, за прашања во рамките на ЕУ и за други актуелни регионални и меѓународни прашања.
Вчера со собир под покровителство на Организацијата за економска соработка и развој започна 16. Дубровник форум.
Меѓу останатите, на дводневната конференција присуствуваат и министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Бугарија, како и заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, и високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит.
Војната меѓу Русија и Украина, Западен Балкан, енергетиката се само некои од темите за кои ќе се разговара на Форумот во Дубровник.