Борко Ристовски: На спортските легенди кои ќе рекламираат казина и обложувалници ќе им биде одземена државната помош
Долгогодишниот македонски ракометен репрезентативец со 155 настапи во националниот дрес, голманот со богата интернационална кариера Борко Ристовски, од пред два месеци, е во комплетно нова професионална улога. Тој е на чело на новото Министерство за спорт. Ќе го вратиме спортот каде што му е местото во македонското општество, обезбедени се пари за ваучерите, со Даниел Димевски немам намера да комуницирам, спортисти и спортски работници не смее да ја рекламираат индустријата за игри на среќа, а оние што го прават тоа ќе ја загубат државната помош, вели во интервју за Рес Публика. Освен за ова, со Борко Ристовски разговараме и за урнисаната спортска инфраструктура, за која во јавноста се крена врева откако нашите овогодишни олимпијци открија во какви услови се подготвувале за ова големо спортско натпреварување.
Кога се оформи новото Министерство за спорт, целокупната, но пред сè, спортската јавност изрази големи очекувања, поради речиси девастираната состојба во која се наоѓа македонскиот спорт: веќе извесен период без поголеми резултати и, практично, во фаза на зачмаеност. Кога ја презедовте функцијата, дали бевте свесен за големите очекувања и од Министерството и од вас?
Јас ги разбирам очекувањата од јавноста, дека се големи, притисокот е голем, но познавајќи се самиот себеси, исто така знам дека подобро функционирам под притисок. Во принцип, кога нешто се очекува од вас, значи дека поседувате одредени квалитети. Зашто, да не поседувате квалитети, нема ништо да се очекува. Она што можам да го кажам е дека преминот на Агенцијата за млади и спорт во министерство е еден огромен чекор за самиот спорт. Како една мала показна вежба, ако може така да ја наречам, или не знам како да го крстиме тоа, е фактот што тоа успеавме да го направиме за неполни два месеци – со ребалансот на Буџетот да ги обезбедиме оние 10 милиони евра коишто не беа ставени во буџетот за спорт. Доколку не го направевме тој ребаланс, ниту клубовите, ниту федерациите, ниту поединците, немаше да ги добијат тие средства, што е еден огромен плус за спортот и за помошта во спортот.
Дополнително, направивме нов систем на вреднување на вистинските спортски чинители во спортот во Македонија, што значи дека обезбедивме дополнителни 85 милиони денари, пари коишто постоеја и во минатото, но никој не знае каде се трошеа, никој не виде никаква придобивка, ниту за кои се даде некаков отчет; ние направивме нов критериум за тоа кој и како ќе добива пари, како ќе се добиваат тие средства. Тоа значи дека, еве, веќе за десетина дена, првиот чекор е, покрај оние 10 милиони евра, и 85 милиони денари да бидат поделени за врвен спорт.
Врвен спорт подразбира дека финансиска помош од државата ќе добијат сите оние екипи, федерации и поединци коишто настапуваат во Европа и ја претставуваат Македонија надвор од границите. На пример, што се однесува на кошарката, не знам дали се влезени во критериумот, зашто критериумите се за највисоките европски натпреварувања, од одбојката мислам дека има еден клуб, а тука влегуваат и ракометната федерација, одбојкарската федерација. Во ракометот има неколку екипи, не знам колку се точно. Во индивидуалните спортови, сите оние коишто настапија на Олимписките игри ќе добијат помош. Ова значи дека на врвниот спорт му даваме дополнителен поттик и дополнителни финансиски средства за подобро претставување, за поголемо значење и за насочување на светлата кон врвниот спорт, затоа што сепак, на крајот од краиштата, врвниот спорт е оној спорт којшто ја промовира државата и промовира вистински спортски вредности.
Спортистите ќе ги добијат ваучерите до крајот на септември
Олимпијците во Париз ги испративме без ниту еден денар од ваучерите што им следуваат. Веќе е крај на осмиот месец од годината, а ваучерите не се исплатени. Овие средства се законска обврска на државата, која во текот на годината мора да им биде исплатена на сите на кои им следува ваучерот. Кога конечно спортот ќе ги добие парите од државата, со оглед на тоа дека ребалансот помина?
Прво, Oлимпискиот комитет треба да им даде финансиска поддршка на сите оние кои настапуваат на Олимписките игри, а Министерството за спорт, или државата, треба да биде само еден бекап, или додадена вредност на сето тоа. Сепак, сите знаеме во каква ситуација е Олимпискиот комитет. Тие, со некоја своја игра, се обидуваат топката да ја префрлат кај нас. Она што е важно да се напомене е дека Министерството за спорт направи законски измени што се однесуваат на доделувањето на тие ваучери, на т.н. ваучер-систем. Ја скративме постапката, од претходните 90 дена на 14 дена, или мислам дека ќе бидат 14 дена, што е огромен плус, што би значело дека би требало до крајот на септември сите чинители треба да ја добијат финансиската помош од државата што им следува.
Има една, според мене, важна измена. Тоа е дека отсега натаму Министерството за спорт ќе ги распишува критериумите за добивање финансиска помош, и тие критериуми нема да бидат на 10 страници, што во принцип не значи ништо за подобрување на спортот. Критериумите ќе бидат конкретни, односно ние ќе финансираме програми. Доколку сакате да добиете помош од државата, ако порано се бараше да имате физиотерапевт, како еден од критериумите, сега ние тоа нема да го бараме, туку ќе бараме програма. Секоја федерација да достави план за работа и што очекува да биде подобро наредната година, дали е тоа развој на млади категории, дали е развој на врвен спорт или сениорски спорт, дали е тоа индивидуален, подобрување на најдобрите времиња во индивидуалните спортови.
Ние ќе финансираме конкретни програми, меѓутоа ќе бараме финансиски извештај за тоа и ќе бараме конкретни резултати. Тоа е огромната разлика од досегашното давање помош за која никој не знаеше каде завршува, ниту се бараше некаков резултат, ниту пак некаков отчет за тие пари.
Тоа значи дека вие практично нема да го укинете ваучер-системот? Дали тоа значи дека ќе оди директно?
Не за ваучер-системот, туку за помошта. Таа ќе остане, односно средствата ќе ги добиваат директно од Министерството за спорт. И уште една голема придобивка, нема да има потреба да се оди по компании, да се менуваат таканаречените ваучери.
Секако имаше измени и претходно за тоа?
Не, не беше така сменето. Требаше да ги дава Управата за јавни приходи, и тоа на двапати. Не успеаја да го исполнат ниту првиот дел од тоа. Ова значи дека ние нема да чекаме на Управата за јавни приходи, ниту на кој било друг, туку работите си ги зедовме во свои раце, ги направивме измените на законот и Министерството за спорт ќе биде тоа коешто директно ќе ги исплаќа финансиските средства. И одеднаш. Нема на двапати, на трипати; исплаќањето ќе биде одеднаш, и тоа по конкретни програми и и по добивањето фидбек за резултатите коишто во иднина ќе се подобруваат.
По кои критериуми ќе добијат пари оваа година?
По критериумите што ќе ги пропишеме ние, од оваа сезона, односно по програмата. Затоа што, ако ги продолжиме критериумите коишто беа претходно воспоставени од Агенцијата за млади и спорт, по автоматизам го повторуваме делото што го направија и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, и сите вработени во тогашната Агенција, за што има и обвинение. Така што, ние не планираме да одиме по тој пат, планираме да работиме транспарентно, чисто и целосно во интерес на спортот.
Затоа најдовме и дополнителни 85 милиони денари, коишто ќе ги вбризгаме во спортот, а пред Нова година и декември, уште дополнителни 85 милиони, што повторно ќе ги вбризгаме во спортот и во различни сегменти. Сега, во оваа транша од 85 милиони денари ќе добие врвниот спорт и врвните поединци, па ќе дојде ваучерскиот ситем, таканаречениот ваучерски систем или нашите финансирања на програми, и пред декември ќе се обезбедат повторно 85 милиони денари, коишто ќе ги поделиме за развој на женскиот спорт, за поддршка на млади, талентирани спортисти со комплетно финансирање на нивната програма и ќе направиме опфат на целиот спорт што функционира во Македонија.
Досега финансирањето во спортот беше по максимата „за сите по малку“, а реално, за никого ништо. Каква ќе биде Вашата стратегија? Дали ќе ги издвоите спортовите во кои објективно имаме поголеми успеси и колективните спортови, кои сепак го привлекуваат најголемото внимание?
Во нашата стратегија за развој на спортот ќе стои кои спортови најмногу ќе ги финансираме. Досега се финасираа сите и апсолутно немаше никаква придобивка во спортот. Со нашата стратегија за развој, поддршката ќе се однесува на тимските спортови, од колективните ќе бидат четири спорта: фудбал, кошарка, ракомет и одбојка, а од индивидуалните, ќе бидат спортовите кои во минатото ѝ донеле најмногу успех на Македонија надвор: борење, бокс, таеквондо, карате, скијање. Тоа се спортовите коишто ние ќе ги финасираме во најголемиот дел, а сите останати ќе ги помагаме. Што значи дека Македонија, или спортот или Министерството, мора да се тргне од патеката на комплетно растурање средства во спортот.
Ние мора да направиме една стратегија којашто вистински ќе биде развој, зашто досегашното трошење на средствата не носеше апсолутно никаков бенефит во спортот; сите знаеме дека спортот ни е на многу ниско ниво, а една од причините е и погрешното финансирање.
Без инфраструктура, џабе е помошта
Покрај финансиите, инфраструктурата е една од најголемите болки на македонскиот спорт. Добро знаеме со какви проблеми се соочуваат македонските олимпијци и репрезентативци; најсвеж е примерот на таеквондистката Милијана Рељиќ, која остана без сала за тренинг непосредно пред настапот на Олимписките игри. Како ќе се решава овој проблем, со оглед на тоа дека ниту има сали како што треба, ниту има базени, ниту, пак, стадиони и атлетски терени?
Тоа е другиот дел од развојот на спортот. Вие може да финансирате програма, но доколку нема услови, не можете да очекувате резултати од програмата што ја финансирате. Така што, ние паралелно ќе ги развиваме двата сегменти во спортот. За почеток, да објаснам кои капитални инфраструктурни инвестиции ќе ги направиме до декември.
Комплетно ќе ја реновираме спортската сала „Расадник“; за многу краток период ќе се објави и тендерската постапка и ќе почнеме комплетно реновирање на таа сала, што е мошне сериозна инвестиција и помош во спортот. Почнуваме изградба на нова сала во Воената академија, за да помогнеме и Воената академија и питомците да имаат спортска сала каде што ќе можат достоинствено да ги вршат подготвките потребни за воените питомци, кои сепак се наша гордост. Почнуваме со градба на атлетска патека во Гевгелија, којашто е повеќе од потребна. Ќе ја реновираме комплетно спортската сала во Радовиш. Почнуваме со инфраструктурни проекти зашто мора да се почне од некаде.
Имаме план да се гради олимписки центар за боречки вештини во Општина Бутел. Тоа е планирано за следната фискална година и мислам дека најдоцна до февруари-март ќе се започне со изградба, доколку биде во ред проектната документација која ја чекаме од Општина Бутел. Почнуваме да инвестираме во што повеќе спортови за, нормално, да бараме резултати од сите чинители и спортисти, клубови и федерации кои добиваат финансиска поддршка. Верувајте дека имаме план како да го развиеме спортот, но развивањето на спортот не зависи од Министерството. Сепак, Министерството за спорт треба да биде тука за да создаде услови за да се развива спортот. Мислам дека тоа се две различни работи кои треба да бидат јасни. Ние ќе направиме сè што е во наша моќ да создадеме максимални услови, за да може да бараме подобри резултати од сите.
Нема институциoнална соработка со МОК додека е Димески таму
Со оглед на вашата „историја“ со актуелниот претседател на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски и меѓусебните прозивки, суспензи и тужби кои беа во фокусот на вниманието пред извесен период, како од ова позиција ќе соработувате со него, со оглед на тоа дека Министерството за спорт и Македонскиот олимписки комитет се двете најзначајни институции кои практично треба да ги дадат суштинските насоки за спортот?
Не би сакал да бидат ставен во ист кош со човек кој има две кривични пријави, наскоро ќе се соочи и со третата, и којшто е под тешки обвиненија за корупција. Би ве замолил да ги разграничиме нештата, затоа што јас, како министер, сум човек кој е без ниту една дамка во својата кариера. Можеби имам само некоја казна за погрешно паркирање, а во животот немам друго потешко дело, така што не би сакал да бидеме ставени во ист кош.
Ние ќе ја направиме нашата стратегија. Ќе почекаме да видиме како ќе се развива ситуацијата со обвиненијата и како ќе функционира Олимпискиот комитет во иднина, меѓутоа, од принципиелна, човечка, спортска, олимписка гледна точка, ние, како министерство, сè додека е тој човек претседател на Олимпискиот комитет, можеме да соработуваме само на пониско ниво, во интерес на спортот. На институционално ниво, пак, повисоко, да градиме заедно некаква стратегија – не би можеле, затоа што, на крајот од денот, со човек којшто има две кривични пријави не би сакал ниту јас, како министер, а сигурен сум дека ниту државата, да имам(е) допирна точка.