Бочварски: Во недела ќе се знае дали ќе се раскине или не договорот со „Синохидро“ за патот Кичево – Охрид
По нешто повеќе од еден месец работа, до крајот на неделава министерот за транспорт и врски Благој Бочварски очекува да го добие извештајот за прегледот на автопатот Кичево-Охрид, кој зависи од тоа дали државата ќе го раскине договорот со кинеската компанија „Синохидро“.
По добивањето на целосниот извештај, Бочварски вели дека целата ситуација ќе ја изнесат на седница на Владата и заедно ќе одлучуваат, пренесува Телеграф Македонија.
„Очекувам во текот на оваа недела да биде доставен од надзорниот орган и експертите до нас и до министерството, по што ќе побараме тој извештај да биде разгледан на седница на Владата. Сите одлуки и следни чекори ќе ги донесеме заедно со Владата. Ќе ја претставиме целата моментална состојба, но тука таа презентација и следните чекори пред се треба да дојдат од експертите кои ќе дадат насоки како да се продолжи со најдобрите решенија за да се заврши овој автопат“, рече министерот Бочварски
Тој смета дека е рано да се размислува за раскинување на договорот и да се размислува за следните чекори пред детално да се испитаат извештајот и препораките на експертите.
Прегледот на целиот проект од проектирање до завршување на патот Кичево-Охрид, кој се гради десет години, започна на почетокот на минатиот месец.
Премиерот Димитар Ковачевски предупреди на можноста за раскинување на договорот со „Синохидро“ поради тоа што рокот за завршување на проектот истекува на 31 декември.
Тој рече дека е неприфатливо 10 години да се гради автопат, а се уште да не се доврши, па не ја отфрли можноста да се ангажира друга фирма да го доврши автопатот.