– Проблемите во изведбата на трасата на автопатот Охрид – Кичево се од проектантски и технички аспект. Државата и наредниот период ќе продолжи да работи на трасата, со решавање на косините и свлечиштата, надминивање на спорните точки и новонастанатите проблеми на проектот. Тоа денеска го истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски кој заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, и професори и експерти од градежништвото беа во обиколка на трасата на автопатската делница од Охрид до Кичево.
Бочварски посочи дека тој како министер и Владата не бегаат од одговорност пред јавноста, дека напротив, се работи на надминување на состојбите, во консултација со фидик-експертите и научната фела, за која нагласи дека не била консултирана при проектирањето во првата фаза од изградбата на делницата.
– Тука сме да објасниме технички и практично како се решаваат ваквите проблеми на терен. Клучно е дека за секое од овие свлечишта настанати кон крајот на минатата година, е потребна дополнителна техничка документација со ревизија што ќе ја даде стабилизацијата на тие косини. Голем дел од тие косини се веќе двапати проектирани, сега ќе биде потребна и трето проектирање на иста косина…, Тоа секако е нешто клучно за идно безбедно одвивање на сообраќајот, рече Бочварски.
Се работи за спцифични проектантски дејности, за кои Бочварски апелираше внимателно да се известува јавноста за постапките што ќе следуваат наредниот период.
– Треба да се отвори постапка за дополнително проектирање, потоа да се свика ревизија на таа проектна документација, од која ќе произлезе и предмет-пресметка што ќе ги даде количните и начинот на новата реализација односно решевањето на тие косини, по што ќе влезе механизацијата да работи на трасата според новата проектна документација, рече Бочварски кој посочи дека и во извештајот од фидик-експертот се посочуваат проблеми во техничко-проектната документација.
Министерот додаде дека на делниците на трасата каде нема новонастанати проблеми, градежните работи се одвиваат тековно, а во однос договорот со „Синохидро“ се преговара за новите рокови за реализација, за што јавноста ќе биде дополнително информирана.