Бојан Маричиќ: “Заветот по повод празникот 11. Октомври е и наш историски предизвик да обезбедиме иднина за Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ“
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на сите граѓани на Северна Македонија, го честита големиот државен празник 11. Октомври – Денот на народното востание.
„Денеска го славиме денот и им се поклонуваме на храбрите млади луѓе кои имаа визија да застанат на вистинската страна на историјата. Тие на 11. Октомври 1941 со силен порив, со силна волја и одлучност, се кренаа против фашистичките окупаторски војски за да го продолжат државотворното дело на сите претходни генерации кои ја сонуваа самостојната македонска држава“, се вели во честитката на Бојан Маричиќ.
Како што соопшти СЕП, Бојан Маричиќ додава дека храбрата и одлучна акција на востаниците од 11. Октомври 1941 година го одреди патот до нашето место во заедницата на народите во Обединетите Нации со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет.
„На заветот што ни го остави 11. Октомври нашата генерација го оствари членството во НАТО и ѝ припадна должноста да ја обезбеди иднината на Северна Македонија како членка на ЕУ. Затоа за таа цел, сите заедно да оставиме длабоки траги на тој пат.Нека е честит и вековит 11. Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ“, порача Бојан Маричиќ