Бојан Маричиќ: “Со јасна временска рамка за идно проширување на ЕУ до брзи реформски резултати дома“
Моменталната геополитичка ситуација предизвикана од руската воена агресија врз Украина, отвори можност за забрзана интеграција во ЕУ на земјите од Западен Балкан, но не е целта како што вели тој „да го прескокнеме преговарачкиот процес“, туку конечно да се оствари ветеното од Порто Карас.
Ова, како што соопшти СЕП, го истакна заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој денеска се обрати на Првиот билатерален форум на македонски и шпански тинк-тенк организации, во сесијата посветена на евроинтеграциите и на политиката на проширување на ЕУ.
„Планот презентиран од претседателката на Европската комисија не смее да остане само на зборови, туку практично да се примени. Потребен е предлог на маса за тоа кои се приоритетите во склоп на забрзаната интеграција, ЕУ и земјите членки тоа да го поддржат и да се креира календар за идниот период“, кажал Бојан Маричиќ.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, посочи дека на прашањето „кога и како до членство“ е потребно од наша страна да имаме интензивна реформска агенда дома, а од страна на ЕУ јасен план за членство, кое ќе ја зголеми поддршката за евроинтегративниот процес кај граѓаните.
Дискусија се отвори и за актуелната состојба во односите меѓу двете земји и потенцијалот за соработка во иднина, а во таа насока вицепремиерот Маричиќ изрази верување дека Шпанија како и досега ќе остане силен поддржувач на Северна Македонија и во пресрет на шпанско претседателство со ЕУ дека шпанската влада останува посветена на проширувањето на ЕУ со земјите од регионот.
„Потребно е да се одржи следната Меѓувладина конференција за време на шпанското претседателство, односно до крајот на годината. Ова ќе биде најдобрата инвестиција на шпанското претседателство, бидејќи интеграција на Западен Балкан во ЕУ е инвестиција во безбедноста, стабилноста и мирот во Европа“, посочи Бојан Маричиќ.
Првиот билатерален форум на македонски и шпански тинк-тенк организации под наслов „Размислуваме и работиме заедно“ беше организиран од Институтот „Преспа“, на заедничка иницијатива со Кралскиот институт „Елкано од Мадрид“.