Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, денеска престојуваше во Секторот за внатрешни работи во Тетово, каде одблиску ја виде безбедносната состојба во овој регион.
Тој рече дека безбедносната состојба во СВР Тетово е стабилна и дека се спроведени успешни контролни акции за нелегален престој на странски државјани во земјава. За состојбата со пасошите, Бојмацалиев рече дека со старите пасоши не може да се патува никаде, бидејќи не може да се напушти државата.
„Со старите пасоши не можете да патувате никаде, бидејќи не можете да ја напуштите државата. Новата пратка со пасоши ќе пристигне деновиве, додека во моментов имаме доволно количества системот да функционира без прекин“, рече Бојмацалиев.
Тој нагласи дека има лажна пропаганда за состојбата со пасошот.
Запрашан за неизгласувањето на законот за продолжување на важноста на пасошите со старото име на државата, тој нагласи дека тоа нема да предизвика нови проблеми како што веќе се информирани граѓаните.