Бразилската полиција уапси осомничен за сајбер напад во кој се пренасочени повеќе од 540 милиони бразилски реали (околу 100 милиони долари) од банкарските системи на земјата, соопштија денес локалните власти.
Нападот го погоди популарниот систем за моментално плаќање во Бразил, познат како PIX, кој го користат 76,4 проценти од населението на земјата, објави АП.
Хакерите ја нападнаа C&M, софтверска компанија која ги поврзува финансиските институции со Централната банка за да ги олесни PIX трансакциите.
Полицијата во Сао Паоло соопшти дека мажот, чиј идентитет не е објавен, работел во информатичката технологија во компанијата и наводно им помагал на други да добијат неовластен пристап до PIX системите.
Официјалните лица изјавија дека блокирале 270 милиони бразилски реали од сметка користена во шемата.
Централната банка на Бразил во четвртокот соопшти дека суспендирала дел од работењето на C&M откако компанијата презеде мерки за намалување на ризикот од понатамошни напади.
C&M соопшти дека соработува со властите и дека прелиминарните докази укажуваат дека хакерскиот напад е резултат на неовластен пристап до безбедносни податоци преку социјален инженеринг, а не на недостатоци во безбедносните системи.