Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, денеска беше во посета на фабриката ПИ „Свислион“ ДОО Скопје. Оваа посета беше дел од неговиот ангажман за консултации со компаниите за платформата за разговори со политичките партии пред изборниот процес.
Во разговорот со генералниот директор на компанијата Александар Јањиќ, Азески ја истакна важноста на усвојување на платформа за дијалог со политичките партии, каде бизнис секторот ќе има можност да ги изрази своите ставови и приоритети за подобрување на економската клима во земјата.
Осврнувајќи се на некои од најсериозните предизвици пред кои стои државата, на состанокот беа дефинирани неколку приоритети. Мора да почне процесот на нормализирање во образованието, работата на државната администрацијата, правосудството и здравството кои се носители на основните функции на државата. На состанокот беше оценето дека државниот сектор треба да биде менаџиран исто како и приватниот и во делот на финансиите и во делот на кадровските политики.
Во разговорот беше истакната важноста од зајакнување на капацитетите на институциите и инспекциските служби и еднаква примена на законите за сите субјекти во државата. Дел од пораките беа насочени и кон мерките, како што е зголемување на минималната плата, која како политичка одлука создава притисок во работењето на компаниите и ја намалува нивната конкурентност. Излезот од ваквата состојба компаниите го гледаат во автоматизација на процесите и намалување на бројот на вработени, што пак од друга страна повлекува намален прилив во државните фондови за пензиско и за здравствено осигурување.
Зборувајќи за работењето на „Свислион Агроплод ДООЕЛ Ресен“, каде 80% од граѓаните од тој град се вработени во фабриката, Јањиќ ја истакна важноста на регионалниот развој и зголемувањето на инвестициите како два важни аспекти за поголем економски раст во земјата.
Од состанокот беше испратена и порака до учесниците во изборниот процес, да го земат предвид апелот на бизнисот, кој е единствената кохезиона структура во државата.
Компанијата ПИ СВИССЛИОН ДОО е извозно ориентирана компанија, со извоз од 65% од производството. Брои 450 вработени, 300 во Ресен и 150 во Скопје.
Двете фабрики, СВИССЛИОН – АГРОПЛОД подружница Скопје и СВИССЛИОН – АГРОПЛОД Ресен, работат по SL технологијата, која е симбол и гаранција за врвен квалитет, тоа е модерна и автоматизирана технологија за производство на природна и здрава храна со контролирано потекло на суровините, која резултира во квалитетни производи со совршен вкус.
СООПШЕТЕНИЕ – Стопанска комора на Северна Македонија
„Во Центар“ (www.vocentar.com) овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.