Брачен советник ги открива четирите најчести „бели лаги“ што луѓето ги кажуваат во врските

Љубовните врски нудат простор за блискост, но и за несигурности и прикривање на вистината – и од партнерот и од самите себе. За да избегнеме конфликти и да одржиме чувство на сигурност, многумина од нас во врските посегнуваат по мали, секојдневни лаги.

Советникот, психолог и терапевт д-р Кортни Ворен истакнува дека онлајн анкетата спроведена на повеќе од 16.000 испитаници покажала дека повеќе од половина од луѓето ги лажат своите партнери барем за некои теми. Таа ги истакнала четирите најчести „бели лаги“ што луѓето ги кажуваат во врските.

„Не те проверувам“

„И покрај тоа што повеќето луѓе велат дека ја почитуваат приватноста на својот партнер, дури 57 проценти од жените и половина од мажите признале дека во одреден момент го проверувале телефонот, пораките или активностите на социјалните мрежи на својот партнер. Иако ова однесување често се оправдува со загриженост или интуиција, всушност станува збор за прикриена недоверба и потреба за контрола“, вели д-р Ворен за YourTango.

„Не се чувствувам несигурно во оваа врска“

Околу половина од учесниците во студијата признале дека лажеле за своите несигурности, истакнува д-р Ворен.

„Наместо искрено да се зборува за сомнежи и стравови, честопати се избира тишина или негирање. Иако може да изгледа како начин да се одржи мирот, оваа лага ја поткопува емоционалната блискост на долг рок и го отежнува градењето меѓусебна доверба“, објасни таа.

„Немам чувства кон никој друг“

Околу 40 проценти од испитаниците во анкетата рекле дека ги прикриле чувствата што ги развиле кон друга личност.

,,Наместо да се соочат со овие емоции, многумина се обидуваат да ги потиснат или оправдаат, честопати кажувајќи му го спротивното на својот партнер. Иако можеби не претставува изневерување, овој вид лажење покажува недостаток на искреност за вистинската внатрешна состојба на поединецот“, вели д-р Ворен.

„Задоволен сум од нашиот интимен живот”

Приближно 39 проценти од жените и 48 проценти од мажите признале дека лажат за сопственото задоволство во интимна врска. Наместо искрени повратни информации, тие често избираат фрази со кои се избегнува повреда на партнерката, но исто така ги кријат сопствените потреби. Ваквите лаги можат да создадат чувство на дистанца и незадоволство на долг рок, предупредува експертот.

„Не гледам таков вид содржина“ и „Ти си единствениот во моите фантазии“

Речиси половина од мажите во студијата признале дека лажеле за гледањето порнографија или за тоа што всушност ги возбудува.

„Овие теми често се избегнуваат бидејќи се сметаат за чувствителни, но криењето на вистинските потреби или фантазии води кон емоционална и физичка дистанца“, забележува д-р Ворен.

Најчестата причина зошто го лажеме нашиот партнер е тоа што не сакаме да признаеме непријатни вистини – прво на него, а потоа и на себеси, истакнува психологот.

„Потоа ја оправдуваме лагата како начин да избегнеме конфликт, а не да повредиме чувства или да го одржиме изгледот на стабилност. Но, секоја невистина што ја кажуваме создава расцеп во врската, а секоја рационализација нè оддалечува од искреноста“, заклучи таа.