Брзо возење и лоша инфраструктура како причини – девет жртви во сообраќајот во полошко за седум месеци
Девет жртви во сообраќајот во првите седум месеци од годината во поширокиот полошки регион. Петмина од нив загинале на патиштата во тетовско, а најкобен бил месец јули. Минатата година, пак, во сообраќајка починало само едно лице.
Забележано е зголемување на бројот на жртвите, но и на вкупниот број на сообраќајни несреќи, а причините се различни, вели командирот на тетовската сообраќајна полиција, Зоранчо Талев.
„Според нашата статистика, најевидентно е за сите сообраќајни несреќи, не зборувам само за загинати, значи предничи неприлагодената брзина, односно брзо возење, потоа различни дејствија на пат, непочитување на првенство на минување, итн.“, изјави Зоранчо Талев, командир на Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај – Тетово.
Бројот на возила сѐ повеќе се зголемува, а со тоа и вкупната фрекфенција на патиштата, особено во летните месеци. Граѓаните велат дека сообраќајот е сѐ полош, па порачуваат дека правилата мора да се почитуваат.
Сообраќајната култура, особено на нова подрачје е на ниско ниво, вели командирот Талев. Покрај репресивните мерки, полицијата спроведува и превентивни кои очигледно не даваат резултат. Треба да се работи на тоа поле, но и да се подобри инфраструктурата, вели Талев.
„За подобрување на безбедноста ни треба и една добра инфраструктура, а особено ако сакаме значи цела бројка на возила да може слободно да се грижат да транзитираат значи без проблеми, без одредени застои. Тука се разбира дека би требало да поводат сметка општинските власти и другите правни субјекти, надлежни за одржување на патиштата итн.“, додава Талев.
Инаку, во тек се измени на одредени членови во Законот за безбедност на сообраќај на патиштата, за некои потешки прекршоци да се сметаат како кривични дела.