Лидерите на земјите од БРИКС се согласија да започнат пилот-програма за воведување на заеднички гарантен механизам, со цел зголемување на стратешките инвестиции во членките и поширокиот Глобален Југ, според финалната Декларација од самитот одржан во Рио де Жанеиро.
Според документот, иницијативата ќе биде развиена во текот на 2025 година во рамките на Новата банка за развој (NDB) и ќе се базира на веќе постоечкото меѓународно искуство, а акционерите нема да уплаќаат дополнителен капитал, пренесува РИА Новости.
Резултатите ќе бидат презентирани на следниот самит на БРИКС во 2026 година.
„Целта на оваа иницијатива е да се понудат индивидуални гарантни инструменти за намалување на ризикот и зголемување на кредитниот рејтинг на клучните инвестиции во земјите од БРИКС и Глобалниот Југ“, се наведува во Декларацијата.
Беше поздравен и фокусот на Механизмот за меѓубанкарска соработка на БРИКС врз промовирање на иновативни финансиски практики, вклучително и поддршка за финансирање на проекти во националните валути на земјите-членки.
Лидерите на БРИКС дополнително ги задолжија министрите за финансии и гувернерите на централните банки да продолжат со работата на разгледување на можноста за воспоставување сопствена инфраструктура за прекугранични плаќања, што ја вклучува иницијативата БРИКС Клир – независна прекугранична инфраструктура за порамнување и депозити.
Оваа идеја за прв пат беше формално спомената за време на претходниот самит во Казан, како одговор на сè почестите барања за поголем финансиски суверенитет и помала зависност од западниот финансиски систем.