Бриселски научници развија метод со вештачка интелигенција за лекување на машката неплодност

Универзитетската болница во Брисел разви иновативен метод што би можел значително да ја подобри ефикасноста на третманот на машката неплодност, користејќи вештачка интелигенција, или AI, за побрзо и попрецизно откривање на сперматозоиди кај пациенти со намалена плодност.

Технологијата, наречена T’easy, е резултат на соработка помеѓу истражувачи од Бриселскиот центар за репродуктивна медицина за ин витро оплодување и компанијата Robovision Healthcare, и како што наведува болницата, оваа алатка би можела да претставува важен чекор напред во областа на асистирана репродукција, пишува Фламанската радиотелевизија (VRT).

– Во случаи кога не се пронајдени сперматозоиди во ејакулатот, се спроведува постапка за екстракција на сперма од тестисите (TESE), што вклучува земање примерок од ткивото на тестисите од кое се обидуваат да се извлечат сперматозоиди. Доколку се пронајдат, тие се користат за ICSI методот на ин витро оплодување, при што еден сперматозоид директно се инјектира во јајце клетка – наведоа научниците.

Оваа постапка, која се користи од 1995 година, им нуди надеж на мажите со намалена плодност да имаат биолошки деца, но нејзините резултати варираат, делумно поради предизвиците во идентификувањето на сперматозоидите во примероците од ткиво.

– T’easy ни овозможува попрецизно и побрзо откривање на сперматозоиди, со што им обезбедува на потенцијалните родители побрзи информации за шансите за успех на терапијата. Исто така, со вештачката интелигенција, ризикот од пропуштање на корисни сперматозоиди е значително намален – објави UZ Brussels.