Британското разузнавање тврди дека забраната за регрутирање затвореници и предизвикува проблеми на групата „Вагнер“
– Можно е руската приватна воена компанија „Вагнер“ да пројавува проблеми во војната во Украина бидејќи не може да регрутира нови затвореници, проценуваат британските разузнавачки служби, јави ДПА.
Британското Министерство за одбрана во серија твитови објави дека Москва му забранила на лидерот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин да регрутира платеници во затворите. Половина од досега регрутираните затвореници станаа жртви на тешките борби, а кампањата на национално ниво за регрутирање офицери не успеа да ги надомести загубите, се наведува во денеска објавените твитови.
„Доколку забраната продолжи, Пригожин најверојатно ќе биде принуден да го ограничи обемот или интензитетот на операциите на „Вагнер“ во Украина“, заклучи британското Министерство за одбрана.
Платениците на „Вагнер“ се особено активни во битката за градот Бахмут, во источна Украина, посочува ДПА.
Од почетокот на руската инвазија, британското Министерство за одбрана објавува дневни извештаи за напредокот на војната, повикувајќи се на своите разузнавачки служби. Москва го обвинува Лондон дека води кампања за дезинформирање на јавноста.