Брнабиќ за извештајот на ОДИХР за изборите: Престанете со лагите и бесмислиците за кражба на изборите
– Премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ, денес изјави дека извештајот на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ за изборите одржани во декември во Србија става крај на сите лаги и бесмислици за кражба на изборите по повеќемесечната нестабилност во земјата.
Обвинувајќи некои медиумски куќи за манипулирање уште пред објавувањето на финалниот извештај на ОДИХР, Брнабиќ рече дека извештајот ќе биде објавен дури денес и дека такви медиумски практики никогаш немало во други земји.
„Најважно е дека по неколкумесечна нестабилност, кризите создадени од одредени медиуми, невладини организации, други структури, илјадници лаги што секојдневно се шират преку одредени медиуми и социјални мрежи и канали за комуникација, пристигна финалниот извештај за изборите што става точка на сите лаги и бесмислици за кражба на изборите“, изјави Брнабиќ.
Нагласувајќи дека Владата на Србија продолжува да работи со ОДИХР и да ги спроведува сите препораки на таа организација, Брнабиќ рече дека не се согласува со сѐ што е наведено во извештајот, но дека тој е неспоредливо пообјективен од извештаите на другите меѓународни организации.
„Владата на Република Србија најостро ги осудува сите што ги злоупотребија јавните ресурси и медиумите, а благодарение на постоењето на различни геополитички интереси, ги искористија сите настани во изминатите месеци за да ја нападнат сопствената земја. Кога ќе ги прочитате извештајот и препораките, сите ќе може да видите дека нема докази, нема критика во врска со тоа што тие го нарекоа кражба на изборите“, рече Брнабиќ.
Нагласувајќи дека од препораките на ОДИХР е видливо дека изборите во Србија биле фер, чесни и транспарентни, Брнабиќ рече дека постојните препораки се многу поблаги отколку во земјите членки на Европската Унија.
„Заклучокот е дека Владата на Република Србија, кој и да е на нејзино чело, ќе продолжи да работи со ОДИХР, ОБСЕ и ќе продолжи да се бори за владеење на правото, за силни институции и транспарентност и веруваме дека во овие тешки времиња, а ситуацијата во Европа и во светот е сè посложена, ќе успееме да ги зачуваме стабилноста, демократскиот поредок, слободите и правата на граѓаните во Србија“, рече Брнабиќ.
Премиерката на Србија истакна дека и во овој извештај е наведено која од претходните препораки Србија ги спроведувала и додаде дека во изминатите седум години целосно се спроведени 13 препораки, осум во најголем дел и 33 препораки се делумно спроведени.
Таа додаде дека овој извештај содржи помалку препораки од извештајот по изборите во 2022 година.
„Сето ова покажува дека сме работеле и дека ситуацијата е значително подобра“, заклучи Брнабиќ.
Извештајот на ОДИХР за изборите во Србија е пратен вчера до Владата на Србија и во него се наоѓа конечната оцена за изборниот процес и сето она што набљудувачите на оваа мисија го забележале на 17 декември.
ОДИХР во извештајот ја потврди регуларноста на изборите во Србија и оцени дека пред новите избори треба да се спроведат неопходните законски измени, да се обезбеди доследна примена на процедурите на денот на изборите и да се подобрат професионалните капацитети на изборната администрација. Дополнително, се наведува дека законот треба да обезбеди и јасна поделба меѓу официјалните функции и активностите на кампањата на носителите на функции.