Претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ денеска, најверојатно околу 17 часот, ќе им се обрати на граѓаните и ќе ги презентира резултатите на руската ФСБ за наводна употреба на звучен топ за време на протестот на 15 март во Белград.
„Не знам дали конечно е потврдено времето, бидејќи претседателот има многу обврски. На крајот на краиштата, исто така се надевам дека денеска ќе ја завршиме расправата за мандатарот и неговиот предлог за нова влада, па знам дека тој мора да биде присутен на заклетвата, но дефинитивно попладнево ќе се обрати пред присутните“, изјави Брнабиќ за тв Хепи.
Таа посочи дека главната причина за обраќањето на Вучиќ ќе биде анализата спроведена од руската ФСБ за наводната употреба на звучен топ за време на протестите на 15 март.
„Значи, да видиме дали е вистина или неточно дека ова се случило. Колку што знам, го потпишал главниот разузнавач на Путин, Александар Бортников, така што нема лага, нема измама. Ова се најсериозните анализи на едни од најдобрите безбедносни служби во светот и не знам какви се резултатите“, рече Брнабиќ.
Според неа, овие резултати ќе стават крај на таа приказна. „Знам дека не е употребен звучен топ. Знам дека секој кој е чесен и кој размислува за себе во овој момент, без разлика дали ја поддржува владата или не, знае дека звучниот топ не бил употребен и дека звучниот топ е всушност нешто што некој друг го дизајнирал за да ја нападне Србија“, рече Брнабиќ.
Таа нагласи дека никој не е над Уставот и законот и оти очекува секој што шири лажни вести и паника и ја вознемирува јавноста со намера да испровоцира или поттикнува луѓе да учествуваат во обоена револуција, да одговара.