– Премиерката Ана Брнабиќ изјави денеска дека Србија е секогаш подготвена за дијалог и секогаш ќе биде тука да разговара со Приштина, но дека Заедницата на српските општини мора да се формира и овојпат тоа е заеднички став на Србија и нејзините западни партнери, пред се ЕУ и САД.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Србија е подготвена да го продолжи дијалогот со Приштина и кога тоа ќе се случи, премиерката во Дубаи, каде што учествува на самитот на светски влади, рече дека Србија покажала колку е подготвена за дијалог, колку е толерантна и флексибилна за одржување на стабилноста.
„Во овој момент ЗСО е на маса. Навистина дојде време, а тоа беше можеби пред пет години, за спроведување на Бриселскиот договор и формирањето на ЗСО, а во април ќе бидат 10 години. Сакам да им се заблагодарам на нашите партнери на Запад за тоа што инсистираат да се формира ЗСО на начинот на кој потпишавме во 2013 и 2015 година, и како што разговаравме на крајот на 2022 година. Се чини дека овој пат сме со ист став “, рече Брнабиќ.
Според неа, „без разлика што вели Албин Курти, знаеме што е потпишано и што мора да се спроведе“.