Бројот на загинати во самоубиствениот напад во Пакистан порасна на 54

– Бројот на загинати во вчерашниот самоубиствен напад во северозападен Пакистан се искачи на 54, во кој осум тешко повредени лица денес им подлегнаа на повредите.

Уште осум лица починаа денес во болниците каде што беа хоспитализирани, со што бројот на жртвите од самоубиствениот бомбашки напад во племенскиот дистрикт Баџаур се искачи на 54, изјави за новинарите Шевкет Абас, шеф на Полицискиот оддел за антитероризам во Пешавар, главниот град на северозападната провинција Хајбер Пахтунхва.

Над 80 луѓе се повредени, многумина од нив критично и се лекуваат во различни болници во Баџаур, Пешавар и други околни области, додаде тој.

Бомбаш-самоубиец, за кој се верува дека дејствувал сам, се разнесе еден час пред јавниот собир организиран од Џамијат Улема Ислам (JUI) во племенската област Баџаур, во близина на границата со Авганистан.

Засега нема преземено одговорност за нападот, а полицијата започна истрага за терористичкиот напад, кој е еден од најсмртоносните во последните месеци.

Владата веќе прогласи вонредна состојба во неколку болници, доведувајќи дополнителен медицински персонал за помош.

Според надлежните, досега 36 тела им се предадени на семејствата за погреб.

Џамијат Улема Ислам (JUI) долго време е цел на забранетиот Техрик-е-Талибан Пакистан (TTP), конгломерат од неколку милитантни групи во земјата, поради спротивставување на самоубиствените бомбашки напади и терористичките напади врз Пакистанските безбедносни сили.

Лидерот на Џамијат Улема Ислам и поранешен опозициски лидер Мевлана Фазл-ур-Реман избегна два самоубиствени напада во 2011 и 2014 година.

Пакистан бележи пораст во терористичките напади откако авганистанските талибанци се вратија на власт во соседен Авганистан во август 2021 година.

Исламабад ги обвинува милитантите на ТТП од Авганистан дека стојат зад нападите, обвинение што го негира привремената администрација на талибанците, која го осуди вчерашниот напад.