– Бројот на загинати Палестинци во израелските напади врз Појасот Газа се зголеми на 560, јавува Анадолу.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека во израелските напади од 7 октомври досега животот го изгубиле најмалку 560 Палестинци, додека 2.900 се ранети.
Министерството за внатрешни работи во Газа соопшти дека израелската Aрмија ја „интензивирала својата агресија“ врз Газа со стотици напади.
Министерството потврди дека израелски цели во Газа биле станбени згради и јавни објекти, меѓу кои и џамии.
Израелската Aрмија, од своја страна, потврди дека погодила над 500 цели во нападите врз Газа во текот на ноќта, за кои тврдеа дека биле позиции на групите Хамас и Исламски џихад.
Групата на отпорот Хамас во саботата утрото ја започна операцијата „Поплава Акса“ против Израел, истрелувајќи бараж ракети. Се наведува дека ненадејниот напад е одговор на упадот во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и зголеменото насилство од доселениците.
Како одмазда, израелската Aрмија ја започна операцијата „Железни мечеви“ против Хамас во Појасот Газа.