Бројот на загинати Палестинци во израелските напади врз Газа порасна на 2.329

 – Бројот на загинати Палестинци во израелските воздушни напади врз Појасот Газа, кои започнаа на 7 октомври, се искачи на 2.329, соопшти денес Министерството за здравство на Газа.

Министерството соопшти дека во синоќешните израелски напади врз Газа загинале уште најмалку 114 Палестинци.

Се додава дека бројот на ранети е зголемен на 9.042.

Во драматична ескалација на тензиите на Блискиот Исток, израелските сили започнаа непрекината воена кампања против Појасот Газа, како одговор на воената офанзива на палестинската група Хамас на израелските територии.

Конфликтот започна изминатата сабота кога Хамас ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел, ненадеен напад од повеќе страни, со лансирање ракети и инфилтрација во Израел преку копно, море и воздух.

Хамас соопшти дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и зголеменото насилство на еврејските доселеници врз Палестинците.

Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ против позиции на Хамас во Појасот Газа.

Одговорот на Израел се прошири со прекин на снабдувањето со вода и електрична енергија за Газа, дополнително влошувајќи ги условите за живот во областа што е под опсада од 2007 година, како и со наредба за евакуација на 1 милион жители од северна Газа за помалку од 24 часа.