– Бројот на загинати Палестинци во израелските напади врз Појасот Газа, кои почнаа на 7 октомври, се искачи на 17.177, соопшти денес Министерството за здравство во енклавата.
„Околу 70 отсто од загинатите се деца и жени“, изјави портпаролот на Министерството, Ашраф ал Кудра, на прес-конференција.
Тој рече дека 46.000 Палестинци се повредени во израелските напади во блокираната палестинска територија.
„Најмалку 290 медицински лица загинаа, 102 амбулантни возила се уништени, а 160 здравствени центри беа цел на израелските напади, поради што 20 болници и 46 центри на примарната здравствена заштита престанаа да работат“, рече Ал Кудра.
„Се соочуваме со тешкотии во броењето на загинатите и повредените поради тековните напади и прекинот на комуникациите“, додаде тој.
Израел ја продолжи својата воена офанзива во Појасот Газа на 1 декември кога заврши еднонеделната хуманитарна пауза со Хамас.
Бројот на загинати во нападот на Хамас во Израел изнесува 1.200, а 138 заложници сè уште се држат од палестинската група во Газа, според официјални информации.