Бројот на загинати Палестинци во израелските напади врз Газа надмина 29.400

Бројот на загинати Палестинци во смртоносната офанзива на Израел врз Појасот Газа која трае од 7 октомври се искачи на 29.410, соопшти денес Министерството за здравство на енклавата.

Министерството истакна дека досега во нападите повредени се најмалку 69.465 луѓе.

„Најмалку 97 лица загинаа, а 132 се повредени во израелските напади во последните 24 часа“, се вели во соопштението од Министерството.

„Многу жртви сѐ уште се наоѓаат под урнатините и на патиштата, а спасувачите не можат да стигнат до нив“, соопшти Министерството.

Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас во октомври, во кој се верува дека се загинати речиси 1.200 Израелци.

Според податоците на Обединетите нации, поради израелските напади, 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекарства, а околу 60 отсто од инфраструктурата во Појасот Газа се оштетени или уништени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремената одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки со кои ја гарантира хуманитарната помош за цивилите во Газа.