– Најмалку уште 42 Палестинци се убиени во израелските воздушни напади врз Појасот Газа, со што бројот на убиени од октомври 2023 година досега се зголеми на 50.399, соопшти денес Министерството за здравство.
Во соопштението на Министерството се вели дека уште 183 повредени лица се пренесени во болниците, во последните 24 часа, со што бројот на повредени во израелските напади достигна 114.583.
„Многу жртви сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се вели во соопштението.
На 18 март израелската Армија започна ненадејна воздушна кампања врз Појасот Газа, при што се убиени 1.042 Палестинци, а речиси 2.500 се повредени и покрај договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што беше постигнат во јануари.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.