Бруинс Слот: Холандија ѝ подарува на Украина 24 авиони „Ф-16“, може да ги користи врз цели во Русија

– Холандија им подарува на украинските воздухопловни сили 24 ловци „Ф-16“ за да ги користат против цели во Русија, изјави денеска шефицата на холандската дипломатија, Ханке Бруинс Слот, пренесуваат холандските медиуми.  

Таа за агенцијата АНП додаде дека за оваа одлука не е потребно одобрение од САД, а употребата на авионите не е ограничена само на границата кај Харков, како што е случајот со американското оружје.

Авионот „Ф-16“ е од американско производство, така што САД имаат влијание врз одлуките за неговата употреба и долго време ја стопираа испораката на авионите „Ф-16“ на Украина, посочуваат холандските медиуми.

-Но, ограничувањата за тоа каде Украина може да ги користи никогаш не беа дискутирани, рече Бруинс Слот.

 Министерката во заминување ги негираше претходните извештаи дека САД треба да ја одобрат испораката на овие ловци.

Украина очекува да добие 30 белгиски ловци „Ф-16“, но може да ги користи само против цели во Украина, бидејќи тоа се услови поставени од Белгија.