Брутална тепачка и пукање на улица во Русија: Се судрија ветераните од војната во Украина (ВИДЕО)

Руските власти покренаа истрага по масовна улична тепачка и пукање во градот Челјабинск за време на викендот, во кои наводно биле вмешани ветерани од војната во Украина.

На видеото објавено од локалните медиуми се гледа како група мажи, од кои некои биле маскирани, тепаат маж кој лежи на улица со тапи предмети.

Тепачката била проследена со пукање

Неколку моменти подоцна, друга група мажи облечени во црно со два автомобили притрчала на местото на настанот и почнала да пука кон првата група, по што побегнале во непознат правец.

Уапсени се сите кои учествувале во конфликтот – соопштија властите.

Засега не се знае колку лица се приведени.

Апликацијата за пораки Телеграм вели дека само тројца мажи се уапсени, од кои еден малолетник.

Рускиот истражен комитет, кој вообичаено се занимава со големи злосторства, објави доцна во неделата дека тепачката и пукањето се истражуваат како кривично дело за хулиганство, пишува Москва тајмс.

Уапсени членови на групата на Вагнер?

– Оние кои учествуваа во конфликтот отворија оган врз противниците од лично непријателство – соопштено е, но без да се наведе точната причина за спорот.

Според некои извештаи, постои сомневање дека уличната тепачка можеби избила поради триаголник во кој учествувале жена, војник и член на платеничката група на Вагнер. Како што пренесуваат локални медиуми, инцидентот се случил откако борецот на Вагнер и неговата девојка наводно биле нападнати од непозната група мажи.

Сè уште не е можно независно да се проверат информациите дека сите уапсени се членови на групата Вагнер, која одигра клучна улога во руската инвазија на Украина пред да биде потресена минатото лето од бунт и смртта на нејзиниот основач, Евгениј Пригожин.