Бугарија ги негира информациите дека планира да се приклучи на одбранбениот договор Косово – Албанија – Хрватска
– Бугарија ги демантираше информациите дека планира да се приклучи на договорот за одбранбена соработка потпишан минатиот месец меѓу Косово, Албанија и Хрватска.
Како што јави бугарската новинска агенција БТА, министерот за надворешни работи Георг Георгиев во вторникот изјавил дека информациите кои сугерираат дека Бугарија изразила неофицијален интерес за декларацијата за одбранбена соработка меѓу Косово, Албанија и Хрватска се неточни.
Неговата реакција дојде во писмен одговор до неколку пратеници.
„Бугарија е запознаена со иницијативата на Албанија, Хрватска и Косово и внимателно го анализира текстот на Заедничката декларација потпишана од министрите за одбрана на трите земји во Тирана на 18 март 2025 година. Информациите од јавноста кои сугерираат дека Бугарија изразила неофицијален интерес за приклучување кон декларацијата се неточни“, рече Георгиев.
Според неговите зборови, МНР добило официјална копија од потпишаниот документ преку вербална нота од албанската Амбасада во Софија на 25 март, но „ниту Министерството или бугарската страна не биле контактирани или консултирани во врска со иницијативата од страна на нејзините предлагачи, ниту пак, е направена официјална покана за членство“.
Инаку, Албанија, Косово и Хрватска на 18 март во Тирана потпишаа заедничка декларација за соработка во областа на одбраната.
Според официјалното соопштение по потпишувањето, оваа соработка има за цел зајакнување на одбранбените капацитети на трите земји, развој на одбранбената индустрија и технологија и подобрување на воената интеракција во регионот.