Бугарија разоткри шверцерски ланец по смртта на 18 мигранти

Полицијата во Бугарија пронајде безживотни тела на 18 мигранти од Авганистан, меѓу кои и едно дете, скриени под дрво.

Полицијата во Бугарија разоткри синџир на шверцери, наводно одговорни за смртта на 18 мигранти во напуштен камион еден ден претходно и обвини шест лица, од кои пет се во притвор, а по шестиот е распишана потерница, јавуваат агенциите.

Главниот државен обвинител Борислав Сарафов во Софија зборуваше за „организирана криминална група“ која собира мигранти на надворешната граница на Европската унија со Турција и ги носи на патот на граничниот премин со Србија, пренесува ДПА .

Во петокот полицијата откри безживотни тела на 18 мигранти од Авганистан, меѓу кои и дете, скриени под дрвја и прошверцувани во Турција и Бугарија, за кои се верува дека се задушиле во напуштен камион во близина на Софија, пренесува Хина.

Останатите 34 лица од камионот се пренесени во болница и се во стабилна состојба.

Бугарското државно обвинителство покрена обвинение против шест лица за трговија со луѓе и смрт на мигранти.

Затворен како во конзерва

Сарафов рече дека 18 жртви починале од недостиг на кислород во затворениот простор и отежнато дишење бидејќи биле затворени „како во лименка“. „Жртвите умреа полека и болно“, пренесува Ројтерс.

Инспекторите рекоа дека возачот и неговиот колега го напуштиле камионот во селото Локорско, откако откриле дека многу од 52-та мигранти во скриените делови на камионот се онесвестени, а некои се мртви.

„Овој случај покажува екстремна бесчувствителност и покажува дека за нив мигрантите се само стока што треба да се транспортира од едно до друго место“, рече тој.

Петмина од шестмината обвинети се во притвор, а по еден од осомничените шверцери кој успеал да побегне од земјава е распишана и европска потерница.

Тој синџир шверцувал мигранти од турската граница преку Бугарија во Србија, од каде главно оделе во Британија, Германија, Франција.

„Крајната дестинација на мигрантите се главно Велика Британија и Франција“, додаде истражителот, велејќи дека просечната цена на патувањето е од 6.000 до 7.000 евра по лице, пренесува агенцијата ДПА .

Бугарските шверцери добиваат дел од парите – возачите по 100 евра по мигрант што го превезуваат, а лидерот на групата 1.000 евра по човек, рече тој.

Поради илегална миграција, барањето на Бугарија за влез во Шенген зоната беше блокирано од Австрија и Холандија во декември 2022 година.

Мигрантите често ја преминуваат надворешната граница на Европската унија на необележани премини за да избегнат да бидат регистрирани на официјалните гранични премини.

Границата „може да се помине многу едноставно со обична скала“, рече Сарафов, препорачувајќи да се преземат чекори за зајакнување на заштитата на границите.

Во 2017 година, Бугарија ја заврши изградбата на својата безбедносна жичка на надворешната граница на ЕУ со Турција.