– Претседателот Румен Радев прими 30 деца од Северна Македонија и Бугарија, кои претходно заедно сликаа пред Народниот театар.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Средбата која траеше речиси еден час започна со извадок од книгата „Малиот принц“ која претседателот им ја прочита на децата. Потоа го подари на најмладиот учесник меѓу уметниците.
„Сакам да ви честитам за прекрасната иницијатива да покажеме дека со моќта на уметноста нашата заедничка граница треба да ги зближува луѓето, а не да ги дели. Се надевам дека ова што го правите е начин на кој ќе има многу побрзо зближување меѓу народите на нашите две земји“, рече претседателот Румен Радев.
„Многу ми е драго што денес можам да ве примам вас, млади луѓе без никаков страв, без никакви предрасуди. Силно верувам дека примерот што го давате ќе го следат и политичарите од двете страни – да заборават на стравот, да ги заборават предрасудите, да направат така, што она што не поврзува – нашата заедничка милениумска историја – ќе биде мост, а не да не разделува, и тоа токму во името на нашата заедничка европска иднина. Денеска сите зборуваме за оваа заедничка европска иднина, но вие сте залогот, вие сте нашата надеж дека ќе ја постигнеме и на таков прекрасен начин, како што беше постигнато денес“, рече претседателот.
„Сакам да ве уверам, особено нашите гости од Северна Македонија, дека бугарската држава подава рака за искрено пријателство со нашите браќа и сестри од Северна Македонија. Верувам дека и оваа рака ќе биде примена на чесен начин, за во иднина да се отстранат сите пречки – било физички граници или предрасуди – за да можеме навистина да ја изградиме нашата заедничка иднина.“ додаде Радев.
„Ви благодарам што денес, со вашиот цртеж, со тоа што сте заедно, со тоа што ја цртате и сликате заедничката иднина на младите од двете страни на границата – давате неверојатен пример на возрасните за тоа што и како до тоа се прави“, рече уште Румен Радев.
„Платното е со димензии 5 на 6 метри и го прикажува посакуваното меѓу Северна Македонија и Бугарија“, изјави претходно за БТА Славчо Неделковски, директор на детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ (Битола). На платното се фигурите на момче на позадината на знамето на Република Северна Македонија, кое подава рака на девојка, зад која е насликано бугарското знаме.
„Сликата испраќа единствена порака: „Уметноста не познава граници – да не ги градиме!“. И ова е универзална порака за опстанок на човештвото во целина“, рече Неделковски. „Уметниците од целиот свет, а особено во конкретниот случај од двете страни на границата на соседните земји, мора да творат без политика и партизација. Нивниот немирен дух е првенствено слободарски. Не смееме да дозволиме да биде заробен во лавиринтот на политиката. И ние ја испраќаме таа порака и зборуваме јасно и гласно. Особено што пораката е појасна кога доаѓа од млади визуелни уметници и таленти. Тие се нашата иднина. За се друго можеме да имаме свое мислење, но на нивна радост денеска нема простор за дискусија“, додаде тој.
Ова е трета ваква средба на уметници од двете земји во рамките на кампањата „Од двете страни на границата“. За време на нивната прва посета на Бугарија, младите од Северна Македонија и нивните бугарски „колеги“ сликаа во центарот на Пловдив. Втората посета се случи во Копривштица и Софија, а децата од двете земји отворија изложба во Народното собрание со слики посветени на посакуваното пријателство меѓу двете земји. Иницијативата е на фондацијата „Бугарска меморија“.