Бугарското МНР: Одлуката против Љупчо Георгиевски е неприфатлива

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија остро ја осуди денешната пресуда од страна на Основниот суд во Битолa против Љупчо Георгиевски, еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница во Северна Македонија и претседател на затворениот Културен клуб „Иван Михајлов“ – Битолa.
Георгиевски е исто така бугарски државјанин, објавува „Трибуна“.

Според соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи, „апсолутно е неприфатливо во земја која се претставува како функционална мултиетничка демократија, отвореното изразување на припадност кон бугарскиот народ, почитувањето на бугарските национални симболи и херои, како и ширењето на автентична бугарска литература да се санкционира со закани за затворање.“

„Бугарија го смета овој случај како уште еден показател за систематското поткопување на човековите права на Бугарите во Северна Македонија“, се наведува во одговорот.

Според нив, пристапот на властите, во комбинација со тековната антибугарска реторика, има за цел да создаде страв и да ја стигматизира бугарската заедница.

„Одлуката против Ѓоргиевски е јасен показател за недостатокот на независност, професионализам и непристрасност во судскиот систем на Северна Македонија, како што веќе е забележано од Европската Унија“, се наведува во реакцијата.

Инаку, Основниот суд во Битолa денес му изрече условна казна од една година на Ѓоргиевски, по обвинение за ширење омраза, поделба или нетрпеливост врз национална, расна, верска или дискриминаторска основа, како и за ширење расистички и ксенофобични материјали на социјалните мрежи.