Бункерот на Зеленски: Секој ден ја менува лозинката, не знае ни колку е часот внатре, а поради снајперисти прибегнува кон крајности…
Украинскиот претседател Володимир Зеленски живее и работи во бетонски блок од згради, опкружен со непробојни безбедносни прстени. Заштитено е како во бункер, пишува репортерот на лондонски тајмс кој доби пристап до Банкова, комплекс на владини згради во Киев.
Внатре е темно, прозорците се покриени со дебели завеси како заштита од воздушни напади или снајперисти, пишува британскиот весник. Однадвор, прозорците и вратите се заштитени со вреќи со песок, вреќи со песок се наредени и на монументалните внатрешни скали. Контролни пунктови со вооружени војници се наоѓаат на секоја улица околу комплексот, од пешаците се бара тајна лозинка, која секојдневно се менува. Обично тоа е некоја глупост, која на Русите би им било тешко да ја изговорат.
Врвна тајна
Од почетокот на војната, според Тајмс, направени се многу обиди за атентат на Зеленски. Олексеј Данилов, шефот на Советот за национална безбедност на Украина, еднаш рече дека имало три обиди за атентат за само една недела.
Во првите два месеци од почетокот на руската инвазија, Зеленски навистина живеел во подземен бункер, во засолниште. Една година подоцна, во затемнетиот, силно утврден владин комплекс, никој не обрнува внимание на звукот на сирените за воздушни напади. Бункерот бил користен само еднаш во изминатите неколку месеци, пишува Тајмс, летово откако добиле разузнавачки информации дека Русите планирале напад врз седиштето на владата.
Веднаш штом Русија нападна на 24 февруари минатата година, Зеленски прогласи вонредна состојба. Водечките офицери веднаш биле повикани во подземниот бункер, со наредба да останат таму до понатамошно известување.
„Не гледаш сонце, не знаеш колку е часот“, се жали еден соговорник. Планот беше да се остане под земја една недела. Тоа се претвори во два месеци. Оние кои биле поканети да живеат со претседателот во подземниот бункер морале да потпишат дека никому нема да откријат ниту еден детал. Ниту за храната што ја јаделе. Изолирани под земја, тие ја следеа војната преку своите мобилни телефони.
Додека Русите се повлекуваа од Киев, Зеленски излезе од подземјето, но со месеци владините состаноци се одржуваа под земја, на метро станицата Мајдан, каде рок групата У2 одржа концерт минатиот мај.
Денес, Киев изгледа како секој зафатен главен град: луѓето одат на работа, во спортски сали и кина, во барови и ресторани. Кога се враќаат од работа, главните патишта се заглавени. Но, земјата има чести прекини на електричната енергија откако Русите сериозно ја оштетија енергетската инфраструктура.
Ноќни клубови
Надлежните ги повикаа граѓаните да штедат струја, но таа често се гаси без предупредување поради преоптоварување на мрежата. Затоа зуењето на генераторите се слуша во ресторани, продавници и на други места. Иако по 23 часот има полициски час, отворени се и ноќните клубови. Киев и неговите луѓе се прилагодија на животот во војна. Очигледно, сè е нормално, но има малку деца на игралиштата: многу мајки со своите деца побегнаа во побезбедни делови од земјата и светот. „Најлошото е што не можеме да ја планираме иднината“, му се довериле многумина на британскиот новинар.
Приоритет за Владата е одржување на економијата. Од почетокот на војната, Украина доживеа пад на БДП од 20-30 проценти. Тоа е тешка криза, но повторно подобра отколку што очекуваа. Украина избегна банкрот кога минатото лето директно се обрати кон Германија за дополнителна финансиска поддршка, објаснува Тајмс. Половина од државните приходи сега доаѓаат од странска помош, при што значителен дел од остатокот зависи од земјоделската индустрија. Украина вообичаено обезбедува 15 отсто од светската пченка, 10 отсто од светската пченица, 15 отсто од јачменот и речиси половина од сончогледовото масло. Поради војната, земјоделците добиваат значително помалку пари, бидејќи логистиката стана многу скапа. Пред војната трошокот за транспорт од полето до пристаништето беше околу 30 долари, а во моментов е најмалку 100 долари.