Владејачката хунта во Буркина Фасо донесе закон со кој се забранува хомосексуалноста и се воведуваат казни до пет години затвор, приклучувајќи се кон низа африкански земји кои донесоа анти-геј закони.
Хомосексуалноста е нелегална во околу 30 африкански земји, но во Буркина Фасо не беше забранета сè до воениот преврат пред три години.
Предлог-законот беше едногласно усвоен од 71 неизбрани членови на преодниот парламент, кој е на власт од двата државни удари во 2022 година во оваа западноафриканска земја.
„Законот предвидува затворска казна од две до пет години, како и парични казни. Доколку некое лице е сторител на хомосексуални или слични практики, сите овие бизарни однесувања, ќе се појави пред судија“, изјави министерот за правда Едасо Родриге Бајала за националната телевизија RTB, додавајќи дека странските државјани ќе бидат депортирани по сила на закон.
Според властите, законот е дел од поширока реформа на семејното и државјанското законодавство, а планирано е да се „популаризира преку кампања за подигање на свеста“.
Мали, сојузник на Буркина Фасо, кој исто така е управуван од хунта, донесе закон со кој се криминализира хомосексуалноста во ноември 2024 година. Гана и Уганда ги заострија своите закони против хомосексуалноста во последниве години, и покрај острите критики од меѓународната заедница.
Во Уганда беше усвоен закон кој предвидува смртна казна за таканаречената „отежната хомосексуалност“, додека доброволните истополови врски се казнуваат со доживотен затвор.