Бујар Османи со реакција по изјавата на Милош Вучевиќ: “Очекуваме појаснување од министерот за одбрана на Србија“
„Северна Македонија го отфрла мешањето и несоодветните забелешки од функционерите од соседството. Се залагаме за регионална стабилност и соработка, вклучително и со Србија и Косово“, објави на социјалната мрежа Фејсбук првиот човек на македонската дипломатијата Бујар Османи, реагирајќи на изјавата на српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ, кој вчера изјави дека – „Северна Македонија и Црна Гора се огрешија кон Србија со признавањето на независноста на Косово“.
„Очекуваме појаснување од министерот за одбрана на Србија“, додава Бујар Османи во објавата на Фејсбук.
Милош Вучевиќ, меѓудругото, оцени дека постои голема меѓународна поддршка за создавање на „Голема Албанија“, нагласувајќи дека тоа не е прашање само за Србија, туку и за нејзините соседи.
„Дали нашите пријатели во Северна Македонија спијат мирно ? Дали спиете мирно ? Тие мислат дека се во НАТО пактот и ги решиле своите проблеми со него. Тоа е мантрата и на Црна Гора и на Северна Македонија. Кога станаа членки на таа колективна безбедност, односно НАТО мислат дека си ги решиле сите проблеми и дека ништо не може да им се случи“, изјави Милош Вучевиќ.