„Важна посета за приближувањето на победата на Украина!“ – Зеленски во Рим се состана со италијанскиот претседател и премиерката Мелони
– Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес допатува во посета на Италија и во Рим се сретна со претседателот и премиерката на Италија.
„Важна посета за приближувањето на победата на Украина!“, напиша тој на Твитер при пристигнувањето во главниот град на Италија.
Според информациите добиени од извори од италијанското Претседателство, и италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерката Џорџа Мелони ја потврдиле целосната поддршка на Италија за Украина за време на нивната средба со Зеленски во Рим.
Ова е прва посета на Зеленски на италијанската престолнина од почетокот на војната на Русија против Украина на 24 февруари 2022 година.
Тој најпрво оствари средба со Матарела во палатата Квиринал, каде што разговараа за ефективноста на економските санкции против Русија, за ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје, борбата против лажните вести во Европа, бомбардирањата на цивилни објекти, киднапирањето на украинските деца, обновата на Украина и нејзините перспективи за интеграција во ЕУ.
Украинскиот претседател подоцна се сретна и со премиерката Мелони во палатата Чиги, каде што Мелони ја потврди сеопфатната поддршка на Италија за територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина.
Зеленски ќе го посети и Ватикан и ќе се сретне со папата Франциск.
Во Рим на сила се строги безбедносни мерки со распоредени 1.000 полицајци и затворање на воздушниот простор.
Голем број Украинци се собраа на плоштадот Барберини за да ја покажат својата поддршка за Зеленски.
По завршувањето на посетата на Италија, Зеленски се очекува да отпатува во главниот град на Германија, Берлин.