Во Каиро денеска се очекува делегација на палестинскиот Хамас на разговори со египетските посредници за постигнување ново примирје во Појасот Газа.
Ова го изјави официјален претставник на палестинското исламистичко движење за Франс прес.
„Се надеваме дека средбата ќе овозможи вистински напредок кон договор чија цел е да се стави крај на војната и агресијата, истовремено гарантирајќи целосно повлекување на окупаторските сили од Појасот Газа“, рече функционерот, кој не сакаше да биде именуван.
Според официјалниот претставник, Хамас не добил нова понуда за прекин на огнот, и покрај извештаите во израелските медиуми дека Египет и Израел размениле нацрт-документи за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.
„Но, контактите и разговорите со посредниците се во тек“, рече претставникот.
Делегацијата е предводена од главниот преговарач на Хамас, Калил ал Хаја, рече тој.
Според „Тајмс оф Израел“, египетскиот предлог предвидува враќање во Израел на осум живи заложници и тела на осум мртви, во замена за примирје од 40 до 70 дена и ослободување на голем број палестински затвореници од израелските затвори.
За време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, со кој започна војната, беа киднапирани 251 лице. Во Газа се уште има 58 заложници, од кои 34 се мртви, соопшти израелската армија.
Прекинот на огнот со посредство на САД, Египет и Катар, кој траеше од 19 јануари до 17 март, овозможи враќање на 33 заложници, вклучително и осум мртви, во замена за ослободување на околу 1.800 палестински затвореници.
Израел продолжи со нападите врз Појасот Газа на 18 март.