Вартоломеј: “Само неколку часа ќе биде литургијата за Богородица во манастирот Сумела – не не оставаат да и се израдуваме на радоста“
Вселенската Патријаршија соопшти дека вчера ја добила и писмената дозвола од турските власти за одржување Свечена литургија по повод празникот Успение на Богородица во историскиот манастир Пресвета Богородица Сумела на 15. август, меѓутоа според вселенскиот патријарх Вартоломеј и оваа година богослужбата ќе трае само неколку часа.
За време на Молебниот канон кој го отслужи Вартоломеј во четвртокот кажа дека иако и лани и оваа година побарал дозвола за вечерна богослужба во стар женски манастир, одговорот бил негативен.
„Не нè оставаат да ѝ се израдуваме на радоста на литургијата во Сумела. Зошто ? Толку едноставни работи! На неколку часа ќе одиме да се помолиме согласно нашата вера, нашата религија и ќе се вратиме дома. Ниту еден ден. Само неколку часа. Јас и лани и оваа година побарав да се одржи вечерна богослужба во пресрет на празникот Успение на Богородица во еден стар женски грчки манастир во височините на Трапезунд, во Теоскепасти и ми рекоа „не“. Само Литургија во Панагија Сумела“, вели Вартоломеј.
Во однос на дозволата за Божествена Литургија за 15. август во историскиот манастир на Пресвета Богородица Сумела, првично турските власти дале негативен одговор до Вселенската Патријаршија, по што следеа реакции, па одлуката беше променета и усно соопштено дека е дадена дозвола, која вчера пристигнала и писмено.