Вархеи: Предуслов за членство во Европската Унија се добрососедските односи

– Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи денес во Котор изјави дека предуслов за членство во Европската Унија е да се има добри односи со соседите.

Вархеи, кој присуствува на Самитот на лидери од Западен Балкан, на заедничката прес-конференција со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ рече дека очекува позитивни сигнали на патот на Црна Гора кон полноправно членство во ЕУ.

Вархеи, коментирајќи го добивањето на Извештајот за привремено исполнување на критериуми (IBAR), рече дека Европската комисија има блиска соработка со Владата на Црна Гора.

„Иако сè уште не сме тука, сепак потребни се одредени одлуки“, рече Вархеи, потсетувајќи дека црногорскиот Парламент треба да усвои одредени закони.

Како што додаде, ако Владата на Црна Гора продолжи интензивно да го врши делот од работата како во првите месеци, очекува позитивен исход од Меѓувладината конференција на почетокот на летото.

„Верувам дека ќе имаме успешна конференција, иако има уште работа“, рече Вархеи.

Прашан за коментар во врска со протестната нота на Хрватска и предупредувањето дека усвојувањето на резолуцијата за Јасеновац може да влијае врз европскиот пат на Црна Гора, Вархеи рече дека е јасно оти предуслов за членство е да се има добри соседски односи.

„Видовме дека тој критериум е многу чувствителен, многу важен, затоа секогаш бараме од кандидатот добро да се поврзе со членките на Европската Унија“, појасни Вархеи.

Еврокомесарот за проширување рече дека е убеден оти Владата на Црна Гора ќе го реши проблемот со Хрватска.

На прашањето дали на Црна Гора ѝ е потребна резолуција за Јасеновац, Вархеи нагласи дека не сака да се меша во интерпретацијата на историјата.