Европскиот комесар за проширување и соседска политика, Оливер Вархеjи денеска изрази надеж дека Европскиот совет ќе може во март да го одобри отворањето на преговорите со БиХ за пристапување во ЕУ.
На заедничката прес-конференција со претседателката на Советот на министри, Борјана Кришто, по Вториот политички форум на високо ниво за европска интеграција на Босна и Херцеговина во Брисел, тој рече дека е потребен дополнителен напредок на полето на реформите и клучните обврски, како и дека Европската комисија е подготвена да му препорача на Советот на ЕУ да се отворат преговорите кога сето тоа ќе биде исполнето.
„Сакаме повторно да дојдеме, да речеме веќе во март, со нов напредок и се надеваме дека тогаш ќе може да започнат преговорите“,истакна Вархеји.
Освен Кришто, на форумот присуствуваа и претседателот на Република Српска Милорад Додик, премиерот Радован Вишковиќ како и други претставници од сите нивоа на власт во БиХ.
Кристо во изјава за медиумите рече дека бројната делегација од БиХ која пристигна во Брисел со договорениот текст на заклучоците, зборува за апсолутна определеност и посветеност кога е во прашање патот кон ЕУ.
Таа рече дека е постигнат значителен напредок во изминатиот месец, во периодот од објавувањето на Извештајот на Европската комисија за БиХ и дека утре официјално до Европската комисија ќе го достави документот План за реформи, кој во рекордно време е подготвен од ад хок работната група на Советот на министри на БиХ.
„Верувам дека навистина созреавме и дека можеме да ги обезбедиме сите потребни предуслови за зајакнување на дијалогот меѓу институциите на Босна и Херцеговина, како и политичките лидери, што ќе не доведе до исполнување на сите услови кои се поставени пред нас. Очекуваме Босна и Херцеговина да добие конечен датум за отворање на преговорите со Европската унија до крајот на оваа година“, рече Кришто.