Тереза, вдовицата на поранешниот германски голман Роберт Енке, проговори за трагичната смрт на поранешниот голман на Барселона која се случи на 10 ноември 2009 година.
Роберт Енке, кој имал 32 години, си го одзел животот фрлајќи се под воз на рамен премин во близина на неговиот дом во Нојштад.
„На Роберт не треба да се сеќаваме само со меланхолија и тага“, изјави за Билд Тереза, која раководи со фондацијата Роберт Енке, која организира денови за ментално здравје.
На денот кога Енке ќе наполнеше 47 години, Тереза сакаше да нагласи дека „Роби не бил несреќна личност“ и дека болката од неговата прерана смрт никогаш нема да помине. “Знаеше да биде многу среќен. И имаше смисла за црн хумор, многу се смеевме заедно. Болеста доведе до смрт”, изјавила вдовицата на поранешниот германски репрезентативен голман.
Тереза е среќна што благодарение на работата на фондацијата „Роберт Енке“, болеста престана да биде табу. Новинарите сега објективно пишуваат за депресија, додека медиумите и клубовите повеќе зборуваат за депресија отколку за физички повреди.
Роберт Енке почина на 32-годишна возраст во „смртна несреќа“ која неколку часа подоцна и официјално беше потврдена како самоубиство. Полицијата пронашла проштално писмо, а малку подоцна се дознало дека Роберт Енке страдал од депресија по престојот во Барселона и Фенербахче поради страв од неуспех.
Неговото ментално здравје се влошило во 2006 година по смртта на неговата двегодишна ќерка, која починала од тешки срцеви проблеми.
Во текот на својата кариера, Роберт Енке играше за Карл Цајс Јена (1995-1996), Борусија М’Гладбах (1996-1999), Бенфика (1999-2002), Барселона (2002-2003), Фенербахче (2003), Тенерифе (2004) и Хановер (2004-2009).