Веднаш напуштете ги вашите домови! На граѓаните им беше наредено да се евакуираат рано утрово, борба со пожарите на Евија
Пожарникарите на грчкиот остров Евија продолжуваат со напорите за гаснење на пожарот што избувна во општината Каристос, поточно во областа Месохорија, а населението се евакуира , објави утрово „Катимерини“.
Пожарот што избувна синоќа брзо се прошири и го зафати агрошумарското земјиште, а во борбата против огнената стихија се користат и воздушни средства.
Операциите за гаснење продолжија и во текот на ноќта, а утрово околу шест часот повторно беа ставени во акција воздушни средства за гаснење.
Според извештајот на ЕРТ, во текот на денот се очекува дополнително засилување на воздушните ресурси со цел пожарот да се стави под контрола, додека сликата за ситуацијата е малку подобра во споредба со претходните часови.
Сепак, во таа област сè уште дуваат силни ветрови, што ги отежнува напорите, истакнува гореспоменатиот портал.
Во меѓувреме, властите издадоа наредби за евакуација.
Утрово околу четири часот, преку бројот 112 беше испратена нова порака до сите граѓани во областа Цакаи, кои беа поканети веднаш да ги напуштат своите домови и да се преселат во Неа Стира.
Исто така, кратко пред 3:30 часот наутро, истата порака беше испратена до жителите во областа Лимнионас, со упатства да се упатат кон Неа Стира преку Цакаи.
Досега пожарот не зафатил населено место, а пожарникарите се надеваат дека ќе успеат да го локализираат пламенот пред да се прошири во селата.
Според извештаите, пожарот е сè уште во критична фаза од развојот.