Вежбањето го намалува ризикот од смрт кај пациентите по третман на рак на дебело црево

Програмата за физичка активност за пациенти по третман на рак на дебело црево може да го намали ризикот од смрт за една третина, покажува голема меѓународна студија.

Научниците истакнуваат дека програмата за вежбање може да ги вклучува сите видови активности.

Резултатите од студијата би можеле да ги променат упатствата низ целиот свет за пациентите по третман на рак.

„Тоа е еден вид промена во начинот на размислување – третманот повеќе не е само нешто што го преземате, туку нешто што го правите“, вели професорката Вики Којл од Универзитетот Квинс во Белфаст.

Во студијата, тригодишна програма за вежбање започнала кратко по хемотерапијата. Целта била учесниците да вежбаат барем двојно повеќе отколку што се препорачува за општата популација.

Нивното вежбање се состоело од брзо одење три до четири пати неделно, во траење од 45 до 60 минути. Во текот на првите шест месеци, учесниците имале неделни индивидуални тренинзи, кои подоцна биле намалени на еднаш месечно.

Во студијата учествувале 889 пациенти. Половина од нив биле вклучени во програмата за вежбање, додека другата половина добила брошури со упатства за здрав начин на живот.

По пет години, 80 проценти од испитаниците кои вежбале и понатаму останале без знаци на рак, во споредба со 74 проценти од оние кои добиле само брошури.

Овој метод на лекување покажа дека го намалува ризикот од враќање на ракот или развој на нов за 28 проценти, според научното списание „New England Journal of Medicine“.

Осум години по почетниот третман за рак, 10 проценти од луѓето во групата што вежбала починале, во споредба со 17 проценти во контролната група, што значи дека ризикот од смрт за оние кои вежбале бил за 37 проценти помал.

Точната причина зошто вежбањето има толку корисен ефект сè уште не е позната, но можните објаснувања вклучуваат негово влијание врз нивото на воспалителни процеси во телото и функционирањето на имунолошкиот систем.

„Знаеме дека физичката активност влијае на голем број клучни биолошки процеси што би можеле да ги објаснат овие резултати, а понатамошните истражувања ќе ни помогнат да разбереме зошто вежбањето има толку позитивен ефект“, рече Џо Хенсон од Универзитетот во Лестер.