Велика Британија, Италија и Јапонија започнаа заедничко вложување за развој на следната генерација на суперсоничен борбен авион до 2035 година.
Британската BAE Systems, италијанската Leonardo и Japan Aircraft Industrial Enhancement Co Ltd (JAIEC) ќе имаат по 33,3% удел во новата компанија, „означувајќи клучен момент за меѓународната воздушна и одбранбена индустрија“.
„Денешниот договор е кулминација на повеќемесечната работа заедно со нашите индустриски партнери и е доказ за напорната работа на сите вклучени во оваа стратешки важна програма“, рече Чарлс Вудбурн, главен извршен директор на BAE Systems.
„Компанијата ќе ги комбинира значајните сили и експертиза на вклучените компании за да создаде иновативна организација која ќе го води патот во развојот на борбениот воздушен систем од следната генерација, создавајќи долгорочни работни места“, додаде тој.
Како што е соопштено, тројцата партнери се договориле да формираат нова компанија во рамките на програмата Global Combat Air (GCAP), мултинационална иницијатива основана од Обединетото Кралство, Јапонија и Италија во 2022 година за развој на stealthfighter од шестата генерација, пишува yahoonews.
Заедничката компанија се очекува да биде основана до средината на 2025 година и ќе го преземе дизајнот и развојот на авионот GCAP.
Авионот ќе стапи во употреба во 2035 година и се очекува да биде во употреба до 2070 година.
Инаку, седиштето на новата компанија ќе биде во Обединетото Кралство, а нејзиниот прв извршен директор, чие име не е објавено, ќе биде италијански.
„Патот можеби не е секогаш едноставен и јасен. Сепак, верувам дека со продолжување на силниот дух на трипартитна соработка, не само што ќе го испорачаме GCAP навреме, туку и на ниво што ги надминува сите наши очекувања“, рече претседателот на JAIEC, Кимито Накае.
Во меѓувреме, италијанското Министерство за одбрана веќе одвои 8,8 милијарди евра за програмата, иако вкупниот буџет на проектот сè уште не е откриен.
Целта е да се развие авион со два мотори што може да се управува со или без екипаж и ќе може да се пофали со карактеристики како што се ласерски водени оружја и виртуелна пилотска кабина.
Новите технологии вклучуваат интеграција на вештачка интелигенција и способност за спроведување мисии заедно со дронови.