Велика Британија најави помош во борба против илегалната миграција и руското мешање на Западен Балкан
Велика Британија најави дека ќе мобилизира средства од околу 16 милиони евра за борбата против мрежите за илегална имиграција и ризикот од руско мешање во земјите од Западен Балкан.
На денешниот Самит во Северна Ирска на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и земјите – членки на ЕУ вклучени во Берлинскиот процес, шефицата на британската дипломатија Ивет Купер изјави дека Велика Британија ќе одвои 11,5 милиони евра за „иновативни програми“ насочени кон борба против мрежите за илегална имиграција, кои дејствуваат на Балканот.
Таа најави и околу 4,6 милиони евра за зајакнување на капацитетите за кибер одбрана на балканските земји од руското мешање.
„Знаеме дека безбедноста на Западен Балкан влијае врз безбедноста на цела Европа и на нашата безбедност овде во Велика Британија“, посочи Купер. Дводневниот министерски состанок што почна синоќа со прием организиран од Купер, се одржува како дел од Берлинскиот процес и подготовка за самитот на лидерите од Западен Балкан во Лондон на 22 октомври.
На состанокот од регионот присуствуваат министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, соопштија дека во фокусот на дискусиите биле регионалната соработка, европските перспективи на земјите од Западен Балкан и заедничките безбедносни предизвици.
Министерот Тимчо Муцунски, како што посочија, во обраќањето на состанокот ја нагласил потребата од заеднички одговор на современите безбедносни ризици – хибридни и сајбер закани, дезинформации, миграции, нелегално финансирање и организираниот криминал.
„На состанокот беше истакнато дека политиката на проширување на Европската унија претставува витална рамка за трансформација на општествата и унапредување на добрососедските односи, демократските стандарди и владеењето на правото. Заедничко беше констатирано дека постепената интеграција, Планот за раст и Заедничкиот регионален пазар значајно го приближуваат Западен Балкан до Европската унија и го прават пристапниот процес поопиплив за граѓаните“, соопштија од МНР. Покрај министрите од регионот, во Белфаст, каде што се одржа состанокот, присуствуваа и министри или високи претставници и од Германија, Франција, Италија, Австрија, Словенија, Грција, Бугарија и други земји.
Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива, што почна во 2014 година со цел забрзување на процесот на пристапување на шесторката од Западен Балкан кон Европската унија.