Венецијанска комисија: Препорачува измена на Уставот во Република Македонија, со што би се ограничило правото на реизбор на јавниот обвинител
Предложените закони за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители, и покрај некои недостатоци, содржат многу позитивни карактеристики, нови или преземени од важечките закони, се наведува во заедничкото мислење на Венецијанската комисија и Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото (DGI) на Советот на Европа за двата нацрт-законски текста на Владата на Македонија.
Во мислењето се препорачува измена на Уставот, со што би се ограничило правото на повторен избор на јавниот обвинител, и тој да се избира и разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието.
„Со оглед на важноста на овие прашања за автономијата и релативната независност на Јавното обвинителство, Венецијанската комисија препорачува, во контекст на претстојната уставна реформа, Уставот да се измени и по овие точки“, се наведува во документот.
Во однос на Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, мислењето препорачува преиспитување на времетраењето на професионалното искуство на сите несекуларни членови на Советот, како и обезбедување алтернатива на начинот на кој се избираат четирите несекуларни членови, со што се обезбедува избор врз основа на заслугите и интегритетот на кандидатите, како и разновидна застапеност.
Венецијанската комисија, исто така, предлага функцијата на обвинителите избрани за членови на Советот на јавни обвинители да биде суспендирана за време на траењето на нивниот мандат во Советот.