Венс: Русите и Украинците „сè уште не се подготвени да постигнат договор“ за завршување на војната

– Војната меѓу Русија и Украина продолжува и покрај неколкумесечните преговори бидејќи ниедна од страните засега не е подготвена да постигне мировен договор, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во вчерашното интервју за конзервативната телевизија Њузмакс.

„Колку и да работиме, а ќе продолжиме да работиме на тоа, Русите и Украинците едноставно не се на точка каде што можат да постигнат договор“, додаде тој, нагласувајќи дека мировно решение е можно, но дека е потребно „уште многу работа“.

Венс посочи на она што го нарече „несовпаѓање на очекувањата“, објаснувајќи дека „Русите имаат впечаток дека стојат подобро на бојното поле отколку што навистина е случај“, што последниве месеци, според него, дополнително ги отежнува преговорите.

Неодамна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го опиша мировниот процес како да влегува во „драматична фаза“, изразувајќи „исклучителна загриженост“ поради можноста Вашингтон да ѝ испорача ракети „Томахавк“ на Украина.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, изјави дека Москва, во принцип, се согласила со концептот што бил разгледуван на самитот на Алјаска во август меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин и дека сега чека одговор од Вашингтон.

Лавров предупреди дека праќањето ракети „Томахавк“ во Украина „може да доведе до сериозна ескалација“ и повика повторно да се стави фокус на разговори за проширувањето на НАТО и статусот на спорните територии.