Верификувани мандатите на новите пратеници

Собранието денеска го даде на натамошна постапка предлогот за измени на Законот за енергетика, чија цел е намалување на цената на струјата од 1 јули. За законот ќе расправа матичната Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика која ќе заседава во 17:30 часот, а потоа и Законодавно правната комисија. Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска рече дека продолжението на осмата собраниска седница на која треба да биде донесен законот ќе биде дополнително закажано.

Предлагачи на предлог на закон за дополнување на Законот за енергетика, по скратена постапка се Бојан Стојаноски, Изет Меџити, Љупчо Пренџов, Марија Митева, Мимоза Муса, Силвана Ангелевска, Тони Јаревски. Стојаноски пред пратениците објасни зашто го поднеле овој предлог и кои се бенефициите за граѓаните од него. Тој, меѓу другото, нагласи дека лично смета оти пратениците веднаш треба да ги донесат измените на овој закон. Според него, со тоа ќе се заштитат граѓаните и ќе нема ценовни шокови за нив. Стојаноски повика да се направи денеска, како што рече, „добра работа за македонското општество“.

Со законот предвидено е во наредните шест месеци да се спречи нагорен тренд на цената на струјата, а од јануари 2025 година да се намали цената на електричната енергија и за домаќинствата и за индустријата. Како што беше појаснето, со поднесениот предлог, цената на електричната енергија нема да се зголеми за првата и втората група потрошувачи, додека за третата и четвртата тарифна група зголемувањето ќе биде од 1 до 2 отсто.

На собраниската седница беа верификувани и мандатите на Драган Недељковиќ, Велика Стојкова Серафимовска, Сергеј Попов, Емилија Ангелова, Весна Ѓорѓиева, како и Дијана Илиевска од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но и Фериде Хаџиу и Каљтрина Беќири од коалицијата Вреди.

Новите пратеници доаѓаат на местата на Мицкоски и на министрите Гордана Димитриеска- Кочоска, Љупчо Димоски, Изет Меџити, Владо Мисајловски, Иван Стоилковиќ, Александар Николоски и на Фатмир Лимани.