Во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка и Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, верските лидери во земјата потпишаа Заедничка декларација против насилниот екстремизам.
Како што беше наведено за време на состанокот, верските заедници се меѓу главните актери во спречувањето и сузбивањето на насилниот екстремизам, бидејќи нивното присуство и активностите со граѓаните кои им веруваат можат да бидат од голема корист за зајакнување на заедниците како целина.
„Ние, потписниците на оваа Декларација, религиозните водачи и претставниците на признатите религиозни заедници во Република Северна Македонија, собрани во дух на меѓусебно почитување и водени од чувство на споделена одговорност, свесни за нашата улога во одржувањето на општествениот мир, се согласуваме со оваа Декларација како израз на заедничка решеност за градење достоинствен соживот и отпор против насилниот екстремизам.“
„Свесни дека Република Северна Македонија е заеднички дом на различни народи, култури и верувања и дека соживотот е вредност што мора континуирано да се негува и заштитува“, се вели во соопштението потпишано од верските заедници во РCМ.