Фудбалскиот тренер на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим изјави дека неговиот тим се бори за опстанок во Премиер лигата, по поразот од Њукасл. Јунајтед загуби од Њукасл со 0:2 на „Олд Трафорд“, го претрпе третиот последователен пораз во лигата и се наоѓа на 14. место на табелата со 22 бода, седум повеќе од Ипсвич кој е прв во зоната за испаѓање, на 18. место.
На прашањето на Sky Sport по натпреварот, дали неговиот тим сега е во борба за опстанок, Аморим рече: „Тоа е навистина јасно“.
„Ова е еден од најтешките моменти во историјата на Манчестер Јунајтед и мораме да се справиме со тоа фер.”
Потоа, тој на прес-конференцијата рече дека во тешки ситуации, особено во големите клубови, тешко е да се свртат работите, особено кога нема многу време за работа.
„Значи, мораме да ја препознаеме нашата позиција и во оваа лига секој може да победи секого. Мораме да се ангажираме и да се фокусираме на опстанокот“, рече Аморим.
Во следното коло Јунајтед во недела на „Енфилд“ ќе игра против првопласираниот Ливерпул.