„Ветувањата дека Хамас ќе биде искоренет се погрешни“, изјави Хагари, портпаролот на израелската Армија

– Ветувањата за уништување на палестинската група Хамас се заблуда, изјави портпаролот на израелската Армија Даниел Хагари.

„Секој кој ветува дека ќе го искорени Хамас ја мами јавноста“, изјави Хагари за телевизијата „Канал 13“, додавајќи:

„Хамас е идеја. Оние кои мислат дека може да се направи да исчезне, грешат“.

Хагари нагласи дека доколку Владата на Израел „не најде алтернатива, Хамас ќе остане во Газа“.

Од почетокот на израелските напади врз Појасот Газа на 7 октомври, премиерот Бенјамин Нетанјаху го наведе уништувањето на Хамас како клучна цел, и покрај скептицизмот на воените аналитичари за изводливоста на таа цел.

Хагари го коментираше и случајот со ослободувањето на четворица заложници во воената операција во бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа на почетокот на јуни.

„Сепак, не е можно да се ослободат сите заложници преку воени операции“, рече Хагари.

Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.

Во израелските напади врз Појасот Газа од октомври минатата година, загинаа 37.396 Палестинци, главно жени и деца.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште од војната.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.