Вжештена атмосфера во и надвор од бугарскиот парламент, полициски кордон ја обезбедува зградата

Избраните пратеници на седмите парламентарни избори во Бугарија одржани на 27 октомври, денеска положија заклетва на првата конститутивна седница на 51. Народно собрание. Главното прашање е дали ќе се избере претседавач за да може Народното собрание да почне со работа. Се очекува ГЕРБ-СДС да го номинира Раја Назарјан за претседател со оглед на тоа што оваа партија освои најмногу пратенички места, 69 од 240 во Парламентот. Бугарските медиуми пишуваат дека втората партија ПП-ДБ е неизвесно дали ќе номинира свој кандидат за претседател.

Од „Преродба“, која е трета партија на изборите соопштија дека ќе го кандидираат пратеникот Петар Петров. „БСП – Обединета левица“ ја предложи експертката по уставно право Наталија Киселова. И „Има таков народ“ ќе има свој кандидат, најверојатно најстариот пратеник Силви Кирилов кој денеска претседава со Народното собрание.

Партијата со најмалку пратенички места МЕЧ нема да предложи кандидат, а кандидат за претседател не пријавија ниту „ДПС – Нов почеток“ на Дељан Пеевски и АПС на Ахмет Доган. Само ако се помине првиот чекор и се избере претседател, може да се дојде до консултации и преговори за влада. На церемонијата ќе присуствуваат претседателот Румен Радев, потпретседатката Илијана Јотова и кабинетот на техничкиот премиер Димитар Главчев.

Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов најави дека сака да ја води владата предложена од неговата партија.

Им се обраќам на сите мои колеги кои сакаат да слушаат: Влада може да се формира без ДПС „Нов почеток“ и Пеевски, без АПС, за жал без „Преродба“, затоа што сме од многу различни идеолошки семејства и без МЕЧ“, рече Борисов.

Според него, можна е влада меѓу ГЕРБ, ПП-ДБ, БСП и ИТН и може да ја управува само тој.

„Влада која би го задржала влијанието од земјите што би сакале да интервенираат. Таквата влада не е гест за мене, туку самопожртвуваност. 18 милијарди долг. Видете, Грција досега има апсорбирано 18 милијарди во рамките на Националниот план за закрепнување и отпорност. Контактите што ги имам со ЕК, претседавачот беше лично на нашиот форум и ги посочи ГЕРБ и Борисов како партнери и ги разграничи „Преродба“ од нас. Со новиот американски претседател сме соработувале толку добро и сме се разбирале“, рече Борисов.

Конститутивната седница на бугарскиот парламент се одржува во период кога во главниот град на Бугарија се најавени 7 протести на кои се очекува да излезат меѓу 3.000 и 5.000 луѓе. Според полицијата, во врска со протестите досега е уапсено едно лице, изјави главниот инспектор Иван Георгиев од СДВР.

Тој потврди и дека во Софија има упатени службеници од МВР и од други делови на државата.

„Сообраќајот е запрен, во врска со ова се повикуваат граѓаните да одат на работа со јавен превоз или пеш. Поставени се со полициски бариери, службеници и опрема на места за раздвојување на групите демонстранти, за да нема расправии и агресија“, објасни Георгиев.

Георгиев потврди дека полицијата има оперативни податоци за планирани намерни инциденти, но увери дека се преземени доволно мерки за да не дојде до тензија и повика на мирни протести.

„Вработените во МВР не се тука да ги спречат, туку да го зачуваат јавниот ред и да помогнат настанот да се одвива мирно.